Пофалби од „На точак“ за општина Кисела Вода за улицата Христо Татарчев

Од „На точак“ ја пофалија општина Кисела Вода, откако ја видоа моменталната состојба на ул. Христо Татарчев во оваа општина.

-Мораме да кажеме дека сме поприлично позитивно изненадени. Ова е втора велосипедска лента во Кисела Вода вo последната година (и општо во целото постоење на Општината), втора патна диета во која се одзема ширина од коловозните ленти (и дивиот паркинг на автомобили) и прва двонасочна велосипедска лента. Пред сѐ пофалби до Општина Кисела Вода и Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за проактивноста во подобрување на условите за велосипедскиот транспорт на општинските улици, порачаа од групата вело-ентузијасти. 

Оттаму порачаа на останатите градоначалници да го следат храбриот пример и во најмала рака да ги исполнат своите предизборни ветувања.

-Оградување: Сѐ уште немаме направено инспекција на оваа вело лента, како што правевме на ул. Орце Николов во Центар. Бидејќи Општината не ги споделува плановите со граѓаните и заинтересираните групи (како што беше пример за О. Центар) не можеме да кажеме колку квалитетно е изведена лентата и колку е инкорпориран универзалниот дизајн во нејзиното планирање. За крај, нели поубаво изгледа вака улицата? Заличува на пристојно место за живеење. Замислете колку поубаво ќе беше ако ги немаше дивопаркираните автомобили на јавниот простор - тротоари за пешаци. Ајде да им го вратиме градот на луѓето! И ајде да се повозиме по новата двонасочна вело лента, велат од „На точак“.