Марко Виденовиќ - Три пати
Photo by Matthew Henry on Unsplash
Човек три пати се раѓа.
Прв пат е кога од мајка му
како солза од око ќе излезе,
онаков сиот накиснат и расплакан.
Плаче, а никој не знае
дали од радост што тука дошол,
или од тага што од Бога си заминал.
Втор пат е кога после многу пати
ќе се изгори и ќе се испече,
ама не да прегори,
туку само ќе се опече,
од луѓе арни и лоши.
Од арните ќе се изгори
кога некој од нив ќе изгуби,
а од вториве неправди кога ќе осети.
И од едните и од другите
ќе се исчеличи и ќе се прероди
и посилен ќе зачекори.
Трет пат да кажам
со сигурност не можам,
оти уште по трет пат
јас не сум се родил.
Ама трет пат ми е оној,
кога кај Бога пак ќе се вратиш.
Тогаш ти не плачеш,
ама други солзи пуштаат,
а ти пак како солза
од око ќе излезеш,
само на друго место поубаво.