Поезија: Марко Виденовиќ - Куфер

Марко Виденовиќ - Куфер

Photo by Andy Beales on Unsplash

Куфер празен 

кога се раѓаш добиваш,

билет во еден правец и срце.

Патот сам го бараш, талкаш,

може и ќе залуташ.

Ќе застанеш и срцето ќе го прашаш,

а тоа знае и да се излаже

па и тебе да те прелаже.

Ама кога тогаш патот ќе го најдеш

или тој тебе ќе те пронајде,

а куферот ќе се полни,

и од добри и од лоши.

Од добрите кога се полни,

трепет убав в'гради бие,

како пролет кога ќе запролети,

како сонце во зората,

како детски џагор во лето.

Од лошите кога се полни

лутина и тага го натежнува

и тежи палениот, ама ти го носиш.

Го носиш оти добар си,

оти срце имаш, 

оти друг со лошотија го полни,

а ти со добрината своја го празниш,

и на крајот пак е лесен,

а на клетиот ќе му тежи

дури не распука како меур.