Јовица Ивановски - Се топиме и ние
Photo by Suhas Hanjar
Пладнето се топи како ајдамер во рерна.
Парковите се украсени со презервативи
(кои, пак, се чеда на сигурниот секс).
„Не ми пречи жештината, колку
човештвото.“*
Се топат и сладоледите, и капат.
Убава глетка е кога дама чисти флека
од сладолед што ѝ свршил врз градата
на маицата.
Квечерината се спушта од Kрстот,
со жичница.
Знае ли некој кога точно вечерта ѝ ја
предава штафетната палка на ноќта?
Зашто сè тече и ништо не запира.
Зашто сè е поврзано (како ние двајца
кога ми подаваш рака да станам од
валканиот тротоар).
И дај те молам престани веќе еднаш
да ме третираш како книга со која
си ја изгубила невиноста!