„Поезија и драма“ во чест на маестро Саша Николовски-Ѓумар

Македонската филхармонија вечер ќе одржи симфониски концерт под наслов „Поезија и драма“, посветен на еден од најистакнатите македонски музички уметници, прерано починатиот, диригентот Саша Николовски-Ѓумар (1966-2017).

Како што најавува Филхармонијата, „Поезија и драма“ ќе донесе комплексна музика и врвна изведба. Под диригентската палка на маестро Емил Табаков од Бугарија, оркестарот ќе ги изведе Увертирата од операта „Танхојзер“ и Прелудиум и смрт од „Тристан и Изолда“ од германскиот композитор Рихард Вагнер.

Солист ќе биде еден од најистакнатите млади македонски пијанисти, Дино Имери, кој ќе ги изведе познатите Фантазија на унгарски фолклорни теми и Танц на смртта, од унгарскиот врвен пијанист и композитор Франц Лист.