Поезија: Анте Поповски - Љубовна

Љубовна – Анте Поповски

Photo by Feyza Yıldırım

Пред да се раздени
За неа беше разденето
Пред да се стемни
За неа беше стемнето.
Го преврзуваше сонцето со влажна шамија
И го успиваше крај неа.
Ние, дури чекавме да расцутат овошките,
Таа веќе ги береше плодовите од нив
Полни чинии поставуваше пред нас
И ништо не ја возбудуваше.
Ние ќе ѝ покажевме камена птица што лета
Таа ќе речеше: Да тоа сум јас,
Птица во окото на сонцето!
Ќе ѝ принесевме сини цветови што ги брал
Aлександар Македонски покрај Златна река
Таа ќе речеше: Тие цветови веќе сум ги носела в пазуви!
И секогаш
и секогаш молчеше.

Велеше, сѐ што имам да речам си го реков себеси
Право е на другите да си молчат за својата судбина
Не постоеше ништо што можеше да ја возбуди.

Цел живот верував дека е жена
Не знаев дека е Бог
Само тој не копнее по ништо.