Поевтинуваат основните прехранбени производи

Дел од основните прехранбени производи од вчера се продаваат со нула проценти ДДВ, а од минатата недела намалени се и маржите. Без ДДВ се продаваат лебот, брашното тип-400, млекото со масленост од 2,8, од 3,2 и од 3,5 проценти масленост, белиот шеќер, сончогледовото масло, месото и други кланични производи за јадење, белиот ориз и јајцата.

Министерот за економија Крешник Бектеши апелира до граѓаните да побараат фискална сметка во маркетите со која ќе видат дали овие производи се со нула проценти ДДВ.

– Апелираме до граѓаните да си ја побараат својата фискална сметка во маркетите, порача Бектеши на „Фејсбук“.

Укинувањето на ДДВ-то за основните прехранбени производи е резултат на измените на Законот за ДДВ, предложени од Министерството за финансии како дел од 26-те антикризни мерки за справување со тековната ситуација предизвикана од руско-украинската криза.

– Ќе истакнам повторно, никој не вели дека ќе биде лесно, но стоиме зад тоа дека ќе има борба, од Владата, за да граѓаните што помалку ги почувствуваат притисоците од руско-украинскиот конфликт. Тоа впрочем го докажавме и со антикризните мерки за време на пандемијата со кои значително беа амортизирани ефектите врз економијата и за кои добивме најдобри оценки од меѓународните финансиски институции, напиша министерот за финансии Фатмир Бесими на „Фејсбук“.

Со овие мерки, кои се дел од антикризниот пакет, Владата очекува надолен притисок врз малопродажните цени на основните прехранбени производи со што ќе се делува врз зачувувањето на животниот стандард на граѓаните во услови на криза.

– Покрај оваа мерка, во пакетот 26-те мерки за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите е вклучена и мерката за продолжувањето на примената на повластената стапка од 5 проценти на ДДВ кај електричната енергија кон домаќинствата до крајот на 2022 година, како и мерките за намалени акцизи и ДДВ за горивата со кои во моментов Република Северна Македонија има најниски цени на горивата во регионот, информираше вчера владината прес-служба.