Поевтинува приклучокот на парно

Приклучокот за парно поевтинува за 37%. Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука да ја намали цената што новоизградените објекти ја плаќаат за да се приклучат кон системот за топлинска енергија. Од 3.185 денари, надоместокот за киловат сега ќе чини 2.000 денари. Целта е да се поттикне еколошкото затоплување, а со тоа и да се намали цената за греење на парно.

“По намалување на цената за приклучок за електрична енергија од 500 на 370 евра, денеска ја намаливме и цената за приклучок на нови објекти кои што ќе бидат приклучени во системот за парно во наредниот период. Со тоа продолжуваме да даваме сигнали до инвеститорите да се приклучуваат на еколошки системи, а имајќи во предвид дека производството на топлинска енергија во градот Скопје е на природен гас, даваме уште поголем сигнал за зголемување на бројот на потрошувачи приклучени на системот. А, со зголемувањето на бројот на потрошувачи сакаме да ги намалуваме и цените на топлинска енергија до крајните потрошувачи”, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Сите нови згради што ќе се приклучат на парно ќе мора да постават и калориметри за секој стан. Првиот човек на Регулаторна очекува дека намалените цени за приклучок на системите за електрична и топлинска енергија соодветно ќе се пресликаат и при формирањето на цената за метар квадратен на новите станови.