Поетско читање, танц, музика и ликовно творење на кејот на Вардар

 На кејот на Вардар денеска ќе започне фестивалот „Нови простори 2022“. Фестивалот вклучува поетско читање, танц, музика и ликовно творење, информираат од Град Скопје.

– Програмата на фестивалот оваа година е поделена на два дела и на две локации – првиот дел е на шеталиштето до влезот на бродот Синегалија, од страната на ГТЦ и таму ќе бидат сегментите „Отворање“, „Нови поетски пространства“, „Танц на кеј“, „Светски поетски момент“ и „Сликаме на кеј“, а вториот дел ќе ги опфати концертот со сегментите „Нов бит“ и „Отворен микрофон“ што ќе се одржи на скалите под Камен мост, кај сидрото, се вели во соопштението.

Продажната изложба ќе биде поставена утрово, а сликарите ќе работат додека трае целата програма.

– Согласно со програмата, секој учесник ќе биде претставен во време од шест минути, при што поетите во две минути ќе треба да се претстават себе си, а во четири минути да прочитаат една или две песни. Сликарите ќе имаат можност да ги презентираат своите дела и да раскажат за својот начин на работа, уметничките погледи и ликовната поетика. Во вториот дел се настапите на музичарите, а пред крајот на концертот ќе биде доделена и наградата за публиката, информираат од Град Скопје.

Во случај на лоши временски услови, од Град Скопје информираат дека настанот ќе се одржи во холот на Градскиот трговски центар – приземје.