Поема за тешки времиња: „Ако“ од Радјард Киплинг

Песната „Ако“ од Радјард Киплинг се смета за една од најдобрите поеми од минатиот век. Нејзината сила и вредност се наоѓаат и во пораката и во убавината на зборовите. Денес ви ја пренесуваме песната чиј препев на македонски јазик го има направено Ана Пејчинова. 

Во оваа поема, таткото му кажува на својот син кои се квалитетите на добриот човек. Тој ги поставува параметрите и границите за својот син и му дава цел која треба да ја постигне. Оваа поема зборува за предизвиците на животот и како да се справиме со нив. 

Прекрасна поема која веруваме дека секому ќе му даде сила и мотивација да пројде низ тешките времиња.

Ако – Радјард Киплинг

Ако ладна глава чуваш кога другите сите
Губат своја и те винат тебе луто;
Ако веруваш во себе штом те сомничи секој,
Но да имаш пак слух и за сомнежот туѓ;
Ако можеш да чекаш без премор и прекор,
Ако лажат за тебе, да не лажеш ти,
Ил', ако те мразат, ти да не мразиш
А да не изгледаш предобро, ни премудро да звучиш;

Ако можеш да сонуваш -- но сон да не ти е власт;
Ако можеш да мислиш -- но мисла да не ти е цел;
Ако можеш да се соочиш и со триумф и со пропаст
И со обата измамници да се понесеш ист;
Ако можеш да стрпиш да чуеш вистина што си рекол
Искривена од подлец да смами глупав в замка,
Или да го гледаш падот на се' што живот ти било,
Да се наведнеш и градиш пак со изабена рамка;

Ако можеш се' што си стекнал да ставиш на куп
И на ризик на едно фрлање на зар,
Да загубиш се', но потем нов да почнеш пак,
А да не речеш ниту збор за загубата на друг;
Ако можеш да стегнеш срце, нерв и жила
Да ти служат долго откако сотрени се,
И така да издржиш кога ништо веќе немаш
Освен Волја која вели: „Крени се";

Ако можеш да скротиш толпа, а да сочуваш доблест,
Ил' да одиш со крал -- без да губиш дух прост;
Ако ниту душман ниту мил другар те болат;
Ако секој смета на тебе, но никој до крај;
Ако можеш да исполниш безмилосна минута
Со шеесет мига вредни долг пат минат --
Твоја е Земјата и се' што таа има,
И -- побитно -- ќе бидеш Човек, сине!