Поедноставно лекување за пациентите со дијабетес

Болните од дијабетес ги очекува полесно лекување со нови комбинации на лековити материи, кои сега ќе бидат концентрирани во една таблета, јави дописникот на МИА од Прага.

– Оваа таблета, покрај досега користените ќе содржи и нови препарати, кои значително го намалуваат шеќерот во организмот и истовремено ја намалуваат телесната тежина на пациентите, изјави дијабетологот Милан Квапил од прашката болница Мотол.

Според експертите, ова ќе им го олесни животот на дијабетичарите кои се принудени да земаат и по неколку различни апчиња на ден.

Доктор Квапил најави дека годинава луѓето кои имаат проблеми со концентрацијата на шеќерот во крвта ги очекува уште една новост, поквалитетни и попрецизни сензори за глукоза, односно уреди кои редовно го мерат нивото на шеќерот во крвта, како и нови инсулински пумпи за еднократна употреба, кои се контролираат преку мобилен телефон.

Промените ќе влијаат на повеќе од 800.000 Чеси кои страдаат од дијабетес.