Убаво е чувството да знаете дека луѓето ви веруваат, дека четврти пат ви укажуваат доверба да ја водите општината, но истовремено ова е уште поголема обврска и одговорност токму за да ја оправдам укажаната доверба. Ова е и мотив, инспирација повеќе во моите заложби за подобрување на животниот стандард и квалитетот на животот во сите 12 населени места на општина Илинден, вели Жика Стојановски - градоначалник на општина Илинден во интервју за МИА.

Понатаму тој додава дека во периодот од завршување на локалните избори, па се до денес реализирани се низа проекти поврзани со инфрастуктурата и подигнување на стандардот на граѓаните.

На прашањето околу плановите за реализација на проектите во иднина, тој вели дека подобрување и модернизирање на патната, комуналната и енергетската инфраструктура, подобрувањето на квалитетот на услугите, намалувањето на сиромаштијата остануваат наши приоритети како перспективи за натамошен развој, овозможување подобри услови за живеење, подобрување на животниот стандард и квалитетот на животот на граѓаните на општина Илинден.

Предвидуваме изградба на детска градинка во Миладиновци и згрижување деца од најмалата група – воведување „јасли“ во детската градинка „Гоце Делчев“; реконструкција и подобрување на училишта, обезбедување просторни услови за одвивање на квалитетна настава, со воведување целодневна настава; реконструкција и доградба на амбулантата во населба Илинден со воведување на дежурство, додава Стојановски во интервјуто.