Подобро да инвестирам во нива отколку во стан

Мртвило на пазарот на недвижнини во текот на минатата година, на ова упатуваат податоците од Регистарот на цени и закупнини што се води во катастарот, според кој лани со сите недвижнини се евиднетирани 14.502 трансакции, што е за 10.650, односно за 42,3 проценти помалку отколку во годината пред тоа.

Во Годишниот извештај на Агенцијата за катастар на недвижности се наведува дека од вкупниот број трансакции 73 проценти се продажби, а 21 процент закупи на недвижнини.

Особено алармантен е податокот дека од продадените 11.363 станови дури 10.231 се стари, додека само 963 се новоградби, на прва продажба. На лицитација се продадени пет станови, а 164 се откупени од Република Македонија.

Статистиката што ја води катастарот покажува дека лани повеќе се продавале ниви отколку станови. Така, од вкупниот број продажби реализирани на пазарот на недвижнини, дури 52 проценти биле продажби на земјоделско земјиште. На продажба на станови отпаѓаат 17 проценти од трансакциите, на продажба на градежни парцели 6 пероценти, 10 проценти од продадените недвижнини се куќи, три отсто се деловни простории, а останатите два процента се други типови на недвижнини.

Најмногу купопродажби се регистрирани во октомври, дури 1.602, а најмалку, само 544 во јануари. Македонскиот пазар на недвижнини лани бил “заспан” и кога е во прашање издавањето недвижнини.

Во Регистарот се впишани вкупно 3.139 закупи на недвижнини, за дури 5.031 помалку отколку во 2016 година. За разлика од продажбите кај кои на прво место е земјоделското земјиште, кај давањето имот под кирија доминираат становите. Лани под закуп се дадени 994 стана , што е 32 процента од вкупниот број реализирани закупи. Изнајмени се и 937 деловни простории (30%), а имало и 860 трансакции со земјоделско земјиште (27%). Во вкупниот број закупи со пет проценти учествуваат куќите, со четири проценти градежното земјиште и со два процента останатите видови надевижнини. Најголем број закупи имало во октомври, а најмал во јули – само 49.