Поднесена кривична пријава за полицаец, во ноќен клуб во Скопје ги нападнал членовите на обезбедувањето и свој колега

МВР информираше дека е поднесена кривична пријава до  Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против полициски службеник поради напад на членови на обезбедувањето и свој колега во ноќен клуб во Скопје во момент кога извршувал службени дејствија. Тој ќе се гони по член 383 став 1 од Кривичниот законик.

„Пријавениот И.Б., вработен како самостоен полицаец – возач во Оддел за специјални полициски операции во Бирото за јавна безбедност при МВР, на 24.01.2025 околу 01.45 часот во ноќен клуб во Скопје агресивно се однесувал кон вработени во обезбедување на објектот, по што и физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија“, информираат од МВР.

Од полицијата посочуваат дека одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полицискиот службеник и ќе изрече задолжителни мерки да биде суспендиран од своето работно место до завршување на постапката.