Подгответе ги милениците за избор на мис и мистер!

Кинолошкото друштво Скопје на големо се подготвува за двете изложби ЦАЦ и ЦАЦИБ што се закажани за 18 и 19 идниот месец.

Од друштвото информираат дека на изложбите се очекува да се пријават голем број кучиња од земјава и странство кои ќе можат да се натпреваруваат во повеќе класи.

- Пријавувањето ќе трае до 15. јуни. Сите заинтересирани граѓани кои сакаат подетално да се информираат за пријавувањето и за изложбата може да добијат на интернет страната на друштвото. За сите учесници предвидени се дипломи, а за најуспешните пехари и медали. Ќе се избираат најубави примероци во сите пријавени раси, а на крајот во шоу на најдобрите ќе се изберат три најубави кучиња. И годинава, судии на изложбите ќе бидат познати имиња во кинологијата од регионов, велат од друштвото. До сега, додаваат, за меѓународниот натпревар се пристигнати околу триесетина пријави од Србија, Бугарија, Грција, Романија, Црна Гора, а има и најави за натпреварувачи од Франција, САД и Канада.Според досегашните искуства, домашните учесници се пријавуваат десетина дена пред закажаниот термин, велат од Кинолошкото друштво.

На изложбата може да учествуваат сите видови кучиња со педигре како и шарпланинци без родовници кои имаат можност да добијат условно педигре.