Подготовки за Свети Никола: Неколку рецепти кои ќе ја збогатат вашата трпеза

Утре на 19 декември, православните верници во Македонија ја чествуваат најчестата слава во македонските домови, Свети Никола.

Во народното паметење овој лик останал како заштитник на патниците, посебно на оние што патуваат по вода, но и по тоа што како за време на животот така и по смртта ги помагал сиромасите, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги пуштал на слобода. Именден празнуваат: Никола, Нино, Николина, Коле…

Истражувачите на народниот живот истакнуваат дека многу елементи од обичаите и верувањата поврзани со Св. Никола водат потекло од претхристијанско време, но дека се задржани сите обреди, обичаи, жртвувања, и сл. кои биле поврзани со некогашниот претхристјански јунак на морињата, водите и ветровите.

Станува збор за посна слава па на трпезата ќе доминираат посна сарма, посно гравче, риба.

БЕЛ ГРАВ 

Потребни ви се 1/2 килограми бел грав, 250 грама кромид, 1 морков, 1 сува пиперка, 2 лажици брашно.

Потопете го навечер гравот во вода до утрото. Наутро ставете го во друга вода и оставете го да врие. Повторно исцедете го и ставете нова вода. Додајте ги зеленчукот и зачинот и варете. Потоа, брашното разматете го во малку вода, и додајтеја смесата во гравот.

КНЕДЛИ ОД КОМПИР

Потребни ви се 500 грама компир, 500 грама брашно, малку презла и сол.

1/2 килограми компир да се сварат со лушпа, потоа да се одлупат, посолат и замешаат со брашното. Извадете форми и ставете ги во солена вода. Кнедлитесе направени кога ќе излезат на површината на водата. Извалкајте ги во презла и послужете ги како прилог.

САРМА- Состојки:

4 главици кромид со средна големина, 2 стапчиња праз, 5 средни моркови, Малку магдонос, 4 чешниња лук, 500g ориз, 1 компир, 2 главици кисела зелка, Брашно, Вегета, Црвен пипер, Сол и бибер

Подготовка:

Во поголем сад ставете масло со дебелина од 1 прст. На маслото пропржете го кромидот со празот.

Оризот потопете го во вода.

Лукот ситно исечкајте го, морковот, целерот и магдоносот крупно изрендајте ги и додадете ги сите зеленчуци во пропржениот кромид и праз.

Потоа додајте го процедениот ориз и динстајте 10тина минути.

Тргнете ја мешавината од рингла и зачинете, па додадете го изренданиот компир и 1 рамна лажица брашно.

Одвојте ги листовите од зелка и започнете да ги мотате сармите.

Прелијте ги со вода, покријте ги со неколку цели листови зелка и печете.

Најдобро е да ги печете во земјен сад кој ќе го покриете со фолија. Оставете ги сармите 4 часа на 150 степени.

Има милион рецепти за посни сарми кои може да ги пробате оваа зима, но ако сакате да послужите совршени сарми за Свети Никола, ова е единствениот рецепт кој ви треба.

КОРПИЧКИ СО САРДИНИ И РАСТИТЕЛЕН КАШКАВАЛ

Потребни состојки:

16 шампињони, 2 конзерви сардини, црвена печена пиперка, 100 г. растителен кашкавал, лимон, црн пипер, сол

Подготовка:

Исчистете ги шампињоните, исечете ја дршката, а врвовите наредете ги во мрсна тава. Измешајте ги сардините во блендер заедно со маслото од конзервата. Додадете ја ситно исечканата пиперка и сок од лимон, црн пипер и сол по вкус. Наполнете ги шампињоните со смесата и запечете во рерна петнаесетина минути. Потоа извадете ги, посипајте ги со рендан растителен кашкавал и печете уште малку додека кашкавалот не се растопи.

ПИТА СО ТИКВА И СЕЧКАНИ ОРЕВИ

Потребни состојки:

500 гр. кори, 700-800 гр. изрендана тиква, 250 гр. сечкани ореви, 150 гр. шеќер, масло по потреба, цимет

Подготовка:

Изрендајте ја тиквата, додадете ги сечканите ореви, шеќерот и циметот, па убаво измешајте ја смесата. Попрскајте една кора со масло, па на неа ставете друга кора, па повторно попрскајте масло, па преку неа ставете трета кора и на неа распоредете го филот од тиква. Замотајте во ролна и ставете во тавата за печење. Правете на истиот начин ролни се додека имате материјал, па потоа печете околу 40 минути на 180 степени.