Поделени над 400 оброци на скопјани на кои им е потреба помош - Ѓорѓиевски: Никој не смее да биде сам кога му е најтешко!

По повод Светскиот ден на борба против сиромаштијата, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска, заедно со Тони Станковски, претседател на ЗГ „Љубезност“, поделија повеќе од 400 оброци за скопјани на кои им е потребна поддршка.

Ѓорѓиевски посочи и дека се приклучиле и на штандот на отец Оливер и однеле храна на пунктовите на ХУ „Св. Спас“.

„Секој човек заслужува достоинство, почит и сигурност дека во тешките моменти нема да остане сам. Од срце им благодарам на Тони Станковски, на отец Оливер, на волонтерите од „Љубезност“ и „Св. Спас“ и на сите кои вложуваат време, труд и љубов за да помогнат. Вашата посветеност е пример за човечност што заслужува и почит и поддршка“, истакна тој.

Како градоначалник, вели Ѓорѓиевски, негова обврска било да биде покрај граѓаните, особено кога животот ги става пред најтешките искушенија.

„Ќе продолжам да ги поддржувам иницијативите што носат конкретна помош и да работам за Скопје во кое грижата за човекот е секојдневна должност. Затоа што вистинската големина на еден град се гледа во грижата што ја покажува кон своите луѓе“, порача градоначалникот.

Воедно, Ѓорѓиевски додаде дека Скопје е град на солидарноста и дека никој не смее да биде сам кога му е најтешко.

„Таа солидарност живее во секоја подадена рака, во секој споделен оброк и во нашата подготвеност да застанеме покрај човекот кому му е потребна помош“, нагласи тој.