Поддршка за вработување на лица од ранливи категории

Со новиот оперативен план на Владата е предвидена мерка „Субвенционирање на плати“, каде што даваме 19 илјади денари за вработување на ранливи или тешко вработливи групи на граѓани.

За 12 месеци работодавачите може да добијат 228 илјади денари и се очекува со оваа мерка да се опфатат над 520 лица, соопшти министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Министерот за Здравство, Венко Филипче ја истакна значајноста на интерсекторскиот пристап затоа што Министерство за здравство работи на подобрување на квалитетот на лекување на зависниците, а МТСП на нивната ресоцијализација.

Сократ Манчев, претседател на здружението „Избор Струмица“, кој повеќе од 20 години работи во граѓанскиот сектор на полето на прифат, третман, лекување, рехабилитација и ресоцијализација на луѓе кои што имаат проблем со зависност посочи: „Во изминатите неколку денови се случија толку големи активности, што мислам дека вредат да се спомнат. Пред неколку дена склучивме договор со Министерство за здравство за превентивните програми. На два пати користевме програми за вработување, кои што за прв пат можеа и невладините организации да ги користат, кои заедно ги менаџираат УНДП и МТСП. Со Министерството за труд и социјална политика договараме да бидат финансирани 32 лица во оваа програма за рехабилитација и ресоцијализација. Трошоците ќе бидат покриени од МТСП. И можам слободнo да кажам дека толку голема и силна поддршка на државно ниво во овие дваесет години јас не паметам“.

Според Луиза Винтон, УНДП со задоволство го поддржа овој проект уште минатата година, како заедничка иницијатива со МТСП.

„Ова е одличен пример како може успешно да функционира невладиниот сектор со други партнери, а посебно при воведување на иновативни приоди како органското производство со вклучување на ранливите категории“, истакна постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации, Винтон.