Поддршка за децата со попреченост и за повозрасните лица во Општина Карпош

– Отворањето на дополнителни просторни капацитети за деца со попреченост од 2 до 9 години, како и давањето на помош и нега во домот и психосоцијална поддршка за повозрасните – изнемоштени лица, се двете социјални услуги со кои Општина Карпош ќе аплицира на Јавниот повик за подобрување на постоечките и развој на нови социјални услуги, кој беше објавен од страна на Министерството за труд и социјална политика. Општина Карпош за овозможувањето на овие две социјални услуги ќе аплицира партнерски со Црвениот крст (за помош и нега во домот и психосоцијална поддршка) и со центарот „Монтесори“ (за поддршка на деца со попреченост).

Имајќи предвид дека Карпош е општина со голем број на повозрасни сограѓани – решени сме да им овозможиме подобар квалитет на живот. Исто така, голем е бројот на ученици со попреченост, токму затоа, покрај сензорните соби, Општината има намера да ги зголеми капацитетите за поддршка и адаптација на овие лица.

Денеска се одржа работна средба меѓу претставници од Одделението за социјална, детска и здравствена заштита при Општина Карпош заедно со претставник од МТСП и преставници од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Првата детска амбасада на светот „Меѓаши“, кои се избраните организации за поддршка на општините во овој процес. Локалната самоуправа во претстојниот период продолжува да работи на проектните апликации, со утврдување на бројот на корисници на услугите, скенирање на ресурсите, се со цел да се овозможат подобри услуги за граѓаните, соопшти Општина Карпош.