Подалеку од вода, мобилни уреди, стени и врвови - Како да се однесувате во случај на олуја и громови?

Повеќе делови од земјава деновиве беа зафатени со невреме проследено со поројни врнежи, силен ветер, грмежи и електрични празнења.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелираше за лично превентивно однесување за време и потоа во одредени локални региони. Притоа од граѓаните се бара да не се движат покрај речни корита и суводолици заради можни брзи и ненадејни порои, да не престојуваат и да се засолнуваат во простори што се на пониско ниво и може да бидат поплавени и секако, во случај на појава на грмежи и електрични празнења се препорачува поголема внимателност, односно да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја, наведува ЦУК. 

Вчера во Охрид најмалку 13 лица пријавиле повреди или трауми предизвикани од удар на гром на плажата „Оревче“, додека денеска јавноста се потресе од несреќата со 25-годишно момче од тетовско кое вчеравечер било усмртено од гром додека пасело овци. 

Препоставуваме дека знаете дека молњата е појава на празнење на електрицитот при олуја. Звучна последица од ова празнење е грмотевицата. Целиот феномен се нарекува гром. Молњите и грмотевиците односно громовите се појави кои се случуваат насекаде, без разлика дали станува збор за планина, градови, на патишта, водени површини и слично.
Доколку се најдете во ситуација да спасувате лице погодено од гром важно е да знаете дека тоа не е опасно, но имајте предвид дека молњата може да удри на исто место и повеќе пати. Нема правило дека молњата секогаш удира во највисоки објекти. 

Опасноста од удар на гром можете да ја избегнете со запазување на одредени правила на однесување:

Пред заминување на планина или на отворен простор во природа информирајте се за временските услови;

Олуите, како појава, во планините најчести се во летните месеци, после пладне или навечер;

Доколку наидува олуја, побарајте цврсто засолниште;

Доколку сте во ѕидан објект избегнувајте да стоите покрај прозор, отворени врати, камин, метални столбови и метални предмети како што се славина, штекери и електрични прекидачи,

Корисно е правилото 30+30: кога ќе забележите молња и можете да изброите до 30 секунди пред да го слушнете громот, морате да побарате засолниште. Најмалку 30 минути од последните молња и гром не смете да излегувате од засолништето,

Не ги користете мобилните и радио уредите, истите добро спакувајте ги во ранец и на тој начин заштитете ги од оштетување,

Мокри јажиња можат да го доведат громот,

Немојте да стоите и да се движите во голема група. Растурете ја групата, на тој начин, во случај на удар на гром ќе бидат зафатени што помал број на луѓе,

Избегнувајте ги експонираните точки, особено осамените стебла и рабови на шуми,

Избегнувајте носење на метални предмети (секири, ножиња, метален прибор, скали, вили, лопати и слично),

Избегнувајте го просторот блиску до струјните водови, како што се столбовите од жичари и далекуваоди,

Громот може да биде одалечен и до 15 км. пред олујата, доаѓа хоризонтално и може да удари од ведро небо.

Громот е подеднакво опасен на крајот, како и на почетокот на олујата,

Оддалечете се од стени и врвови,

Шаторот не е заштита; кога сте во шатор, доколку е возможно, останете подалеку од металните шипки на шаторот и мократа облека, гумените ѓонови и гумените одела не се заштита од гром,

Во шума најдете засолниште покрај мали и ниски стебла и грмушки

На отворен простор барајте пониски места, пукнатини и долини под услов да немаат вода,

Доколку сепак сте на отворено, клекнете и наведнете се напред ставајќи ги рацете околку колена; ако е возможно, ставете пред себе изолациски материјал како што е ранец, јакна и слично, немојте да лежите испружени на земја,

Доколку почуствувате пуцкетање и подигање на косата (накострешување на косата), или видите сина ареола околку објект, станува збор за електрична активност околку вас, таквото подрачје треба веднаш да го напуштите, доколку тоа не е возможно, клекнете на стопалата, спуштете ја главата и со рацете не ја допирајте земјата,

 Со рацете покријте ги ушите, како би ја спречиле повредата на ушните тапанчиња.