Почнува трансформацијата на ординациите по општа медицина во ординации по семејна медицина

Специјалистите по семејна медицина од денеска може да почнат постапка за трансформација на своите ординации по општа медицина во ординации по семејна медицина. Со ова се финализира процедурата почната во февруари годинава, презентирана од министерот за здравство Венко Филипче на првиот Национален форум за здравство.

Ова решение, како што информираат од Министерството за здравство, е дел од мерките за унапредување на примарната здравствена заштита изготвени врз основа на анализите и препораките на Светската здравствена организација и во координација со стручните здруженија.

„Специјалистите по семејна медицина ќе може да нудат поголем број услуги од матичен лекар. Ова е само дел од унапредувањето на квалитетот на услугите во примарната здравствена заштита. На овој начин граѓаните ќе може здравствената заштита да ја добијат поблиску до местото на живеење“, информира министерот за здравство, Филипче.

Оваа мерка, како што информираат од Министерството, е поздравена и од Здружението на лекарите по општа и семејна медицина бидејќи на овој начин примарната здравствена заштита во која работи специјализиран кадар може да придонесе за значителни здравствени заштеди. Со навремено дијагностицирање и соодветен менаџмент на одредени состојби ќе дојде до растоварување на секундарното и терциерното ниво во здравствениот сектор. На овој начин ќе се создадат услови клиничките специјалности да се посветат на покомплексни и потешки здравствени состојби за поголема мотивираност на лекарите, кои ќе бидат посветени на својата специјалност, а на овој начин ќе се намали и одливот како на постојниот кадар така и на младите лекари.

„Специјализацијата и доедукацијата по семејна медицина како процеси се почнати во 2010 година. Во просек 30 лекари годишно стекнуваат звање специјалисти по семејна медицина. Со овие измени се оди чекор напред. Со препознавање на компетенциите се имплементира специјализацијата по семејна медицина во согласност со глобалната политика за постигнување стандарди за квалитет. Се препознаваат и признаваат знаењето и вештините на специјалистите по семејна медицина, а со оваа одлука очекуваме да се зголеми интересот за специјализација и доедукација“, изјави Катерина Ковачевиќ, претседателка на Здружението на лекарите по општа и семејна медицина.

Од Министерството очекуваат потполното вреднување и искористување на компетенциите на семејните лекари да придонесе, пред сè, кон поголемо задоволство на пациентите преку обезбедување лична, континуирана, сеопфатна и финансиски одржлива здравствена заштита во контекст на семејството и општеството.