Почнува судењето за серискиот убиец од Старо Нагоричане

Во Основниот суд во Куманово денеска започнува судскиот процес против Т.Б. (25) од Старо Нагоричане, обвинет за кривични дела – Убиство од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик, како и два обиди за убиство од истиот квалификуван облик.

Бидејќи со умисла лишил од живот повеќе лица, согласно член 123 став 3 од Кривичниот законик, му се заканува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.

Истрагата за убиецот од Старо Нагоричане,  утврдила дека бил пресметлив кога ги извршувал убиствата, а убивал од омраза кон жените.

Во текот на истрагата беа откопани телата на три жени, а обдукцијата утврди дека две од нив се негови жртви.

Првото убиство го сторил во јануари минататa година, односно ноќта помеѓу 05.01.2025 година и 06.01.2025 година во село Клечовце кога влегол во куќата на повозрасна и немоќна жена и додека таа била заспана на креветот, при што физички ја нападнал и насилно почнал да ја задушува. Од бројните скршеници и повреди поради кои не можела да дише, жената починала

Во обвинението е наведено дека делата ги вршел од други ниски побуди, односно со намера да ги задоволува своите полови страсти спрема мртви женски тела.

Предметот во судска постапка ќе го застапува Љубомир Лапе, јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Куманово.