Почнува Моден Викенд Скопје

Со свеченото отварање на шоурумот „United Fashion SEE" во 18 часот, петок (29.03) официјално ќе започне со нетрпение очекуваното 19-то издание на Моден Викенд Скопје.

На задоволство на филмските сладокусци, вљубениците во уметноста и пасионираните следбеници на модата во сите можни форми, уште една занимлива новина годинава е гостувањето на „ИВАН АСЕН 22", платформата за концептуален дизајн од Софија. По презентациите во Бугарија, Австрија, Јужна Африка и Германија, следна „станица" им е Модниот Викенд во Скопје.

Дека македонската мода има светла иднина, први ќе посведочат студентите на факултетот за Арт и Дизајн при Европскиот универзитет, приредувајќи тематско модно шоу со наслов „Ив Сен Лорен и јас", по што ќе ѝ посакаме топло добредојде на Yllka Brada, секогаш драгата гостинка од Косово. Сензационален камбек на сцената најавува и Маја Кикириткова, која за првпат пред присутните ќе открие сосема непознати парчиња од повратничката колекција „ELEAZAR'.

Аплаузи, симпатии и воздишки несомнено ќе измамат и исклучително талентираните Evgenija Zafirovska, Sofija Urumovic, Marija Kulusic, како и екстравагантниот Marko Feher, a на истата листа им се придружуваат и Milan Zejak, Sara Redzic, како и брендот Arthropoda. Второто студентско шоу е резервирано за последниот ден, овојпат од Технолошко-металуршкиот факултет.