Почнува манифестацијата Европски денови на културното наследство

Денеска, во 12 часот, во Музејот на Македонија, ќе биде одбележан почетокот на манифестацијата Европски денови на културното наследство. Во таа пригода ќе биде отворена изложбата „Споделување на европското наследство“.

На изложбата ќе бидат поставени дваесетина постери објавувани во повеќе европски земји по повод Европските денови на културното наследство во текот на изминатите дваесет години. Покрај тоа, ќе биде презентиран разновиден промотивен материјал печатен по истиот повод. Автор на концепцијата за изложбата е Нада Андоновска, координатор на манифестацијата.

Европските денови на културното наследство претставуваат нajшироко прифатен партиципативен културен настан што го споделуваат граѓаните на Европа. Сеевропската природа на овој проект придонесува кон зближување на граѓаните и кон истакнување на европската димензија и вредностите на културното наследство. Со организирање повеќе од 70.000 настани во педесетте земји потписнички на Европската конвенција за култура, целта на манифестацијата е подигнување на свеста кај пошироката јавност за заедничкото европско наследство. Во текот на повеќедецениската реализација Европските денови на културното наследство прераснаа во најголем европски проект поврзан со наследството.

Во Република Македонија реализацијата на активности поврзани со овој настан повеќе од дваесет години дава голем придонес кон приближувањето на културното наследство до пошироката публика, особено до помладите генерации.

Годинава е предвиденo мaнифестацијата да се одржи во периодот од 27 септември до 7 октомври. Веќе е познато дека 2018 година е прогласена за Европска година на културното наследство од страна на Европската Унија. Како поддршка на оваа иницијатива годинешното издание на Европските денови на културното наследство ќе биде одбележано со мото „Европска година на културното наследство: Уметноста на споделувањето“. Во годинешното одбележување, во координација на Музејот на Македонија, ќе учествуваат дваесетина музеи, невладини организации и други институции што се грижат за културното наследство. Ќе бидат организирани отворања на изложби, проекции на филмови, промоции на публикации, едукативни настани и други активности посветени на наследството.