Денеска започнува изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево, проект кој треба да биде дел од целосното автопатско поврзување на Скопје и Охрид, објави премиерот Христијан Мицкоски.

Според него, со реализацијата на проектите Кичево – Охрид, Гостивар – Букојчани, Тетово – Гостивар и Букојчани – Кичево се создава инфраструктурна основа за побрз транспорт, поголема безбедност, нови инвестиции и економски развој.
„Добра вест за Македонија! Продолжуваме да градиме, да поврзуваме и да создаваме нови можности“, напиша Мицкоски.
Премиерот оцени дека почетокот на изградбата на делницата е уште еден важен чекор кон целта за целосно автопатско поврзување на Скопје и Охрид.
Во објавата тој упати и политички критики кон опозицијата, наведувајќи дека, како што вели, одговорот на критиките се конкретните инфраструктурни проекти.
„По години одложувања и изгубени можности, Македонија заслужува дела, а не изговори. Додека опозицијата продолжува со празни критики и политички препукувања, нашиот одговор се конкретните проекти што ќе им служат на граѓаните и на идните генерации“, напиша Мицкоски.
Објавата ја завршува со порака дека „делата се наша одлика, а развојот на Македонија е наша обврска“.