Почнува 42. Млад отворен театар

Осумнаесет претстави се на програмата на 42. фестивал Млад отворен театар (МОТ) кој ќе се одржува од денеска до 4 октомври.

Според најавената програма, на првиот фестивалски ден ќе бидат изведени претставите „Силјан Штркот шанца“ на МНТ, „Нашето насилство и вашето насилство“ на Младински театар од Љубљана и ХНК „Иван Зајц“ од Риека и „Експеримент“ на театарот „Артопија“ од Македонија.

На програмата утре се претставите: „Антигона и Креонт“ на Театар на Навигаторот Цветко, „Мојата фабрика“ на Босанскиот национален театар од Зеница, „Птичка“ на театарот Agrupacion Senor Serrano од Шпанија и „Систем ерор“ на Факултетот за драмски уметности.

На 30 септември МОТ ќе ги прикаже претставите: „Разговор во четири очи“ на МНТ и Скопје филм студио, „Лебенсраум“ на Јакоб Ахлбом од Холандија и „Лерин, полиња жито, ридишта крв“ на Театар на Навигаторот Цветко, а во пладневниот термин ќе биде изведена претставата „Бакнати од Сонцето“ на Театар Пи од Дневниот центар „Порака“.

„Шумата на моето дрво“ на Велешкиот театар, „1 сиромашен и една 0“ на театарот BADco од Загреб и „Доктор Фауст“ на Битолскиот театар се најавени за 1 октомври, а наредниот ден ќе биде изведена претставата „Сослушување“ на иранскиот Mehr Theatre Group.

За 3 октомври се најавени две претстави на МОТ: „Мир со вас“ на бугарскиот театар Vox Populi и полската претстава „Хор на сираци“ на КТО Театар од Краков.

Годинашниот Млад отворен театар ќе заврши на 4 октомври со српско-холандската копродукција „Не се срамам од моето комунистичко минато“.

Претставите ќе се изведуваат од 18, 20 и 22 часот, на сцената на Младинскиот културен центар, како и во Македонскиот народен театар, Театар Комедија, Кино Култура, Македонската опера и балет, Детски театарски центар и Мала станица.

Влезниците се во продажба на билетарницата на Младинскиот културен центар. Како што претходно беше соопштено, цената за претстава е 200 и 250 денари до почетокот на фестивалот, а од утре ќе биде повисока, односно 300 и 350 денари.

МОТ и оваа година ќе има придружна програма која ќе опфати  неколку работилници, предавања и концерти, како и промоција на книгата „Филозофија на паланката“ на Радомир Константиновиќ.