„Почнавме љубовна врска...“ - Саздов сведочеше за настанот кога Ивана модра и расоблечена ја земал од автопат

Нови шокантни детали беа изнесени на денешното рочиште во Кривичниот суд од судењето против Стојанче Јовановски за смртта на својата сопруга и 6-годишната ќерка. 

Сведокот Мартин Саздов, поранешен колега и пријател на семејството, пред судот раскажа за пеколот низ кој поминувале мајката Ивана и ќерката Катја со кои бил близок пријател. 

Тој опиша настан од август минатата година, кога ги нашол Ивана и Катја исплашени и модри зад банкина на патот кон Штип, откако обвинетиот насилно ги исфрлил од автомобилот.

- Ивана беше расоблечена, искубана и целата во модрици. Малата Катја ми кажа дека татко ѝ ја удирал главата на мајка ѝ од седиштето. Им викал „курви мали“ на двете, сведочеше низ солзи Саздов.

По овој настан, според сведочењето на Саздов, тој и Ивана се зближиле и почнале врска, а Стојанче ги следел и постојано ја навредувал Ивана. 

- Ја шетавме Катја во Зоолошка, на лулашки, во „Џамбо“. Се обидував да им биде убаво, да не бидат под стрес, да не бидат исплашени, но Ивана секој ден ми зборуваше „Мартин не знаеш каков психопат е, ќе не убие двајцата“. Јас ѝ реков не се секирај има институции, ќе го решат проблемот. Во тој период бидејќи се зближивме излегувавме многу, ја засакав, и таа ми кажа „Мартин, како што ми е сега со тебе во животот, никогаш не ми било вака, се чувствувам многу сигурно со тебе и смирено“. Почнавме љубовна врска, да... рече пред судот Саздов.