Почнаа уписите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип

Вкупно 5.000 слободни места има на 12 факултети и три академии на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип. Уписите на студенти во прва година почнаа од денеска, а ќе траат до трети септември.

Проректорот на УГД-Штип Кирил Барбареев на денешната прес-конференција истакна дека уписите се одвиваат во Штип, Струмица, Кавадарци, Прилеп и Скопје.

– На првиот ден од уписите има повеќе од 500 до 600 студенти. Тоа е според очекувањата на Универзитетот. Ако се прават некои ранг листи за интерес, на Факултетот за медицински науки има најголем интерес за студирање, но, и кај сите факултети постои интерес за студирање, рече Барбареев.

Тој истакна дека Штипскиот универзитет има обезбедено 150 стипендии за најдобро рангираните идни студенти, кои ќе се запишат на некои од факултетите или академиите.

– Во моментов имаме и најава дека ќе имаме и повеќе од 100 странски студенти на Универзитетот и тие се регулираат со посебниот начин на запишување, заедно со министерствата за надворешни работи и за образование и наука, рече Барбареев.

Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ очекува оваа година да има 2.000 студенти во прва година, а академската 2018-2019 година почнува на 1 октомври.