Почнаа градежните работи на објектот “Универзална сала“, ќе биде готова за 3 години

Градежните работи на објектот “Универзална сала“ во Скопје мрднаа од мртва точка. Денес официјално почна да се работи поинтезивно, а целосната реконструкција се очекува да биде завршена до 2026 година кога се очекува овој култен објект да ги прими своите први посетители.

 Во текот е првата фаза, односно реконструкција на кровот и на фасадата, а потоа продолжува техничката фаза и ентериер. 

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска денеска пред Универзалната сала по повод отпочнување на активностите посочи дека Универзалната сала е архитектонски и културен симбол на Скопје.

- “Министерството за култура презеде обврска во наредните три години непречено да го реализира проектот, затоа што има обезбедено финансиски средства и комплетна документација. Универзална сала има емотивна вредност и за скопјани и за публиката. Универзалната сала му недостига на Скопје, им недостига на уметниците и на културните работници“, рече Костадиновска Стојчевска.

Според министерката, развојот на културата не може без еден ваков мултифункционален објект. Универзалната сала, како што рече, им припаѓа на уметниците, на културните дејци, а пред се на публиката.

- “Затоа, нашата мисија е во наредните три години и овој простор да се уреди, како што му доликува на Скопје. Чест ми е но и голема одговорност целиот процес на реконструкција да се одвива професионално, стручно и посветено онака како што ние настојуваме да ја промовираме културата. Граѓаните не смееме да ги оставиме без својот дом, односно без Универзална сала“, додаде Костадиновска Стојчевска.