Почна со работа првата канцеларија за превенција во Стајковци

Во населеното место Стајковци е отворена првата канцеларија за превенција на Советот за превенција во општина Гази Баба. На отворањето присуствуваа градоначалникот на општина Гази Баба Борис Георгиевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. 

Во канцеларијата граѓаните ќе можат да ги пријават сите повреди на слободата и правата, а преку директната комуникација со нив ќе се работи на поголема превенција.

- Сакам да најавам дека покрај оваа, канцеларија за превенција ќе биде отворена и во населеното место Сингелиќ, од причина што во изминатиот период беше увидено дека постојат неколку нарушувања на јавниот ред и мир. Со овие канцеларии кои ги отвораме сакаме да работиме на поголема превенција, а со тоа и на подобрување на безбедноста,  истакна градоначалникот Георгиевски.

Преку проектот МВР за граѓаните полицијата се доближува до секој граѓанин, сакајќи да ја врати довербата на граѓаните во полицијата.

- Најважно нешто во безбедноста е превенцијата. Превенцијата која ќе придонесе да јакне свеста кај граѓаните за тоа дека треба да бидеме партнери со македонската полиција. Сакам да изразам благодарност до општината и градоначалникот Георгиевски што овозможи да се отвори оваа канцеларија. Ова ќе биде катче во кое граѓаните ќе може да доаѓаат и да се информираат, да даваат предлози и идеи како заедно со полицијата да ги заштитиме нашите домови, нашите населби, нашиот град, нашата Република Македонија и да покажеме дека заедно можеме многу повеќе, рече министерот Спасовски.