Почна штрајк со глад во Идризово: Бараме амнестија за сите, не само за упадите во Собранието

Затворениците од затворот „Идризово“ од денеска започнаа штрајк со глад бидејќи, како што велат, не се опфатени со законот за амнестија што се подготвува, а со кој ќе се ослободат од вина само осомничените и осудените лица кои упаднаа во Собранието на 27 април.

Затворениците со писмо ја известиле и управата на затворот „Идризово“.

„Почнуваме со дводневен предупредувачки штрајк со глад бидејќи и покрај сите барања до Владата и премиерот досега не добивме одговор во врска со законот за амнестија, кој е во најава. Бараме општа аменстија за сите дела кои ги дозволува Уставот, исто така и статусот на доживотно осудените да се промени во бројка што е во склад со европските закони. Доколку во следните два дена не добиеме конкретен позитивен одговор од страна на Владата и работното тело за помирување, ќе продолжиме со штрајкот со глад и ќе организираме мирни протести со нашите фамилии пред Владата“, пишува во писмото испратено до директорот на „Идризово“, Боби Мојсоски.