Почна реконструкцијата на улицата Антон Попов на потегот од раскрсницата со улицата Павел Шатев до улицата Димо Хаџи Димов

Екипите на Град Скопје ја почнаа реконструкцијата на улицата Антон Попов, на потегот од раскрсницата со улицата Павел Шатев до улицата Димо Хаџи Димов. Увид во градежните работи на оваа сообраќајница денеска изврши градоначалникот Шилегов.

- Коловозот на улицата Антон Попов сега е оштетен, со пукнатини на асфалтот и вдлабнатини на автобуските стојалишта и на крстосниците, како и голем број крпени ударни дупки. Од тие причини ќе се изврши реконструкција на коловозната конструкција на оваа сообраќајница по целата нејзина должина од 584 метри. Во текот на градежните работи на оваа делница ќе се нивелираат 37 постојни шахти и сливници. За реализација на овој капитален проект од буџетот на Град Скопје се издвоени 5,5 милиони денари со ДДВ  – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Шилегов нагласи дека Градот Скопје во изминатиов период  ја почна изградбата и реконструкцијата на повеќе улици и булевари, меѓу кои: реконструкција на булеварот Партизански одреди, втората фаза од проектот за изградба на булеварот Христијан Тодоровски Карпош во Бутел, како и реконструкција на улицата Ацо Шопов. Во наредниот период ќе почне реконструкцијата и на улиците Брадфордска и Лондонска во Карпош, како и изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина.

- Граѓаните на Скопје заслужуваат безбедни улици без дупки каде што движењето ќе се одвива непречено и брзо во согласност со законски пропишаната брзина. Продолжуваме со редовната реконструкција на сите оштетени улици со цел побрз, побезбеден и поефикасен сообраќај во нашиот град. Апелирам до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремено поставениот сообраќаен режим на улицата Антон Попов, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот – додаде Шилегов.