Почна реконструкцијата на скверот зад „Капитол мол“ во Аеродром

„Прв центар", скверот зад трговскиот центар „Капитол мол“ во општина Аеродром добива сосема нов и урбан лик.

Како што информираа надлежните деновиве отпочнаа градежните активности за реконструкција и санација на скверот што се наоѓа меѓу зградите зад „ТЦ Капитол мол“ во срцето на општината

Ова е еден од проектите финансиран од централната власт во висина од 45 милиони денари, при што вчера в. д градоначалникот на  Аеродром Дејан Митрески изврши заеднички увид во градежните работи заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и министерот за транспорт, Александар Николоски.

- Работата на терен се одвива според предвидената динамика, а овој сквер од околу 4500 м² што претставува фреквентна локација, конечно, по неколку децении, ќе добие современ лик и ќе прерасне во ново, урбано уредено место прилагодено за сите генерации. Скверот ќе биде поплочен со нови плочки за безбедно движење во сите временски услови, а ќе бидат поставени и модерно дизајнирани клупи, жардиниери со хортикултурно уредување, канделабри, нова урбана опрема и комплетна хидроизолација, со што аеродромци ќе добијат уште една локација на која ќе можат да се дружат, а дечињата безгрижно да играат, беше информирано од страна на надлежните. 

Исто така, ќе бидат реконструирани и неколкуте скалила кои водат до мезанинот над овој сквер, кои оставени на забот на времето, досега претставуваа опасност при движењето на жителите.

- Општина Аеродром продолжува посветено да работи на создавање уште подобри услови. Интензивно се работи на нови капитални проекти со што општината ќе добива нов сјај, а аеродромци убаво уредена општина што ќе ги задоволува сите нивни потреби за квалитетен живот, работа и што е најважно, за правилен раст и развој на младите генерации, потенцираа од локалната самоуправа.