Почна пријавувањето за традиционалната „Трка на дедомразовци“ во Скопје

Почна пријавувањето за традиционалната Coca-Cola Дедомразовска трка, во која повеќе стотици учесници во дедомразовски костуми ќе трчаат во главниот град, а која ќе се одржи во недела на 26 декември.

Пријавувањето се одвива преку веб-страницата www.prvdovrv.mk.

– Трката покрај натпреварувачки има и забавен карактер па во неа се добродојдени да се пријават учесници од сите старосни групи. Должината на патеката е два километри и можат да ја истрчаат и деца во придружба на родители. Учеството во трката чини 400 денари, а за првите 200 пријавени следува целосен дедомразовски костум, составен од палто, панталони, капа, ремен и брада, велат од Здружението за спорт и рекреација Прв до врв.

За победниците, како што посочуваат, се предвидени награди, а на најсреќните учесници преку лотарија ќе им се исполнат новогодишните желби без оглед на резултатот и освоеното место.

Пред и по трката се предвидени музичка програма, загревање со фитнес инструктор и церемонија на прогласување на победниците.

Стартот на трката е закажан за 12 часот, а подигнувањето на стартните пакети од 10 часот на денот на трката.

Трката ја организира Здружението Прв до врв, со поддршка на Coca-Cola и градот Скопје.