
Почна „осмомартовската“ треска! На две недели до Меѓународниот ден на жената Осми март, кој годинава се паѓа следната сабота, веќе почнаа подготовките, а во фокусот и годинава е изборот на соодветен подарок за најблиските жени.
Интернет продавниците се преплавени со идеи за оригинални и персонализирани подароци со кои ќе им се оддаде внимание на жените. Цвеќето како да стана „застарена“ форма на внимание, па така натпреварот е кој ќе подари пооригинален подарок.
Персонализирани рамки со натписи, карикатури, шолји и чинии рачно изработени со посвета, сетови од мини подароци, персонализиран накит, сувенири со скапоцени камења...ова е само дел од понудата на социјалните мрежи.
- Идеите одат до недоглед... Има пресонализирани кујнски даски, престилки, слатки пораки напишани на перници... Сето тоа да се подари малку внимание и да се изнуди насмевка кај жената за која е наменет подарокот, коментира една скопјанка на социјалните мрежи.
- Нависина се уникатни персонализираните подароци, но често се и скапи со оглед дека станува збор за рачна изработка, коментира друг граѓанин.
- Доколку еден подарок, кој персонализиран, значи со фотографија, со натпис чини околу 1000 денари, замислете колку пари треба да се одвојат за подароците за бабите, мајките, учителиките... Скапо е и саксиското цвеќе, во декоративни сакции...Сепак сум, за симболичен цвет...регира скопјанка.

Празникот им задава главоболки и на родителите кои се организираат да купат соодветни подароци за учителките и наставничките на своите деца.
Туристичките агенции веќе ги огранизираа празничните тури по повод Осми март, а рестораните почнаа да ги објавуваат понудите за прослава на празникот следниов викенд.