Почна обуката за оџачари, бесплатно ќе бидат исчистени 100 оџаци

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов ги посети кандидатите кои ја посетуваат обуката за оџачари во средното училиште ГУЦ „Здравко Цветковски“ што ја организира Градот Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија. За времетраењето на обуката, бесплатно ќе бидат исчистени 100 оџаци, а заинтересираните домаќинства можат да се пријават во Инфо-центарот на Град Скопје.

„Градот Скопје побара сојузници во борбата против загадувањето во Скопје и сакам да ви се заблагодарам што со учеството во оваа обука вие станувате дел од таа борба. Обуката за оџачари ќе трае три месеци, а за времетраењето на обуката секој учесник ќе добива надомест од по 9.000 денари месечно. По завршувањето, секој од вас, покрај сертификат, ќе добие основни материјали за отворање сопствен бизнис и извесно вработување имајќи предвид дека чистењето на оџаците ќе биде субвенционирано од Градот. Оваа година со ребалансот на буџетот предвидуваме средства за субвенции за чистење на оџаците кои ќе се реализираат по успешно спроведената обука на новите оџачари, при што очекуваме илјадници оџаци во Скопје да бидат исчистени до почетокот на идната грејна сезона“ – рече градоначалникот Шилегов.