Почна Новогодишниот караван на Фондацијата Телеком за Македонија

Во пресрет на Новогодишните празници, денеска во Кавадарци, Куманово, Битола, Неготино и Штип почна традиционалниот Новогодишен караван на Фондацијата Телеком за Македонија. Караванот кој се одржува четиринаесетти пат, годинава ќе израдува над 2000 деца низ Македонија.

Организиран од волонтери, вработени во Македонски Телеком, Новогодишниот караван ќе ги посети најранливите групи на деца: деца без родители, деца со посебни потреби, со оштетен слух и вид, деца со инвалидитет, деца од социјално загрозени семејства и болни деца сместени во здравствени институции. Од денеска, па сè до крајот на декември волонтерите ќе делат Новогодишни пакетчиња и ќе организираат претстави во семејства и институции.

Секоја година се менуваат институциите за да се посетат што повеќе деца, со една цел да им се донесе радост и Новогодишна атмосфера на оние деца на кои им е најпотребно. Дружењето со децата и дарувањето е традиција за вработените во Македонски Телеком и овој период на годината за нив е асоцијација за Новогодишниот караван. Некои од нив се дел од оваа хумана активност со години, а годинава караванот ќе го реализираат педесет волонтери.