Почна да се спроведува новото сообраќајно решение околу „Млечен“

Почна да се спроведува новото сообраќајно решение за урбаната заедница „Владо Тасевски“ (потегот околу „Млечен“) .

Сообраќајното решение, како што соопштуваат од прес-службата на Општина Карпош, во голема мера се карактеризира со еднонасочен режим на сообраќај, со цел да се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот, но и да се намали метежот.

– Кога возилото од бул. „М.Т.Гологанов“ ќе се приклучи кон ул. „Анкарска“ ќе се соочи со мал дел на двонасочна сообраќајница, а потоа се надоврзува на еднонасочниот сообраќај. Еднанасочниот режим на сообраќај се протега долж улиците: „Анкарска“, „Багдадска“ (во најголем дел), „Бахар Моис“ и дел од „Борка Талески“, се посочува во соопштението.

Од таму информираат дека долж посочениот потег поставени се 300 нови сообраќајни знаци (вертикална сигнализација), а обележана е и нова хоризонтална сигнализација.

Од општината ги повикуваат граѓаните да го почитуваат новиот сообраќаен режим, кој има за цел да ја зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот, имајќи предвид, како што велат, дека во оваа урбана заедница има и воспитно-образовни установи.