Почна 9. Филмски фестивал „Watchout“ во Тетово

Со промоција на муралот „Што е дома“,  изработен на ѕид од Градскиот трговски центар од четири волонтерки и проекција на шест филма во дворот на Музејот на тетовски крај – спомен-куќа на Комунистичката партија, вчеравечер во Тетово почна 9. Филмски фестивал „Watch Out“.

Отворањето на фестивалот го поздрави амбасадорката на Германија, Анке Холштајн, која истакна дека и е мило што по една година пауза  се враќа животот и културата.

– Полека се враќаме во нормален живот. По една година и повеќе затворени во становите, сега уживајте. Да го славиме филмот, порача амбасадорката Холштајн.

Фестивалот почна со прикажување на „Логика на тишината“ – експериментален филм на шпанскиот автор Давид Бланко, а следуваа „Дистанца“, „Невидливото чудовиште“, „Живот, танц и роза“, „Девојка во тврдината“ – сите од автори од Шпанија, како и „Да живее Белорусија“ – дело на режисери од десетина земји.

Вечер од 20 часот на програмата се осум филмови, а проекции ќе има и утре и в сабота кога фестивалот ќе заврши.