Почна 11. „На зајдисонце“ во Трпејца

Со изложба на слики од уметникот Мајкл Клос од Канада и настап на бендот „8balls“ синоќа во охридското село Трпејца почна 11. издание на „На зајдисонце“. Организатор на манифестацијата е здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“, со поддршка на Општина Охрид.

Советникот и претседател на Комисијата за одбележување празници и манифестации Перчо Божиноски во име на Локанлата самоуправа ги поздрави присутните со уверување дека и годинава културно-забавното лето во Трпејца ќе понуди сплет од креативна сценска програма, со уметнички, спортски и едукативни содржини, кои ќе привлечат многубројна публика.

„Престојот овде, во овој живописен амбиент на брегот на Охридското Езеро, што плени со најпрекрасните пејсажи кои природата секојдневно ги подарува, носи едно неописливо чувство на мир и хармонија. Секој момент поминат тука ни носи нова убавина и нова привилегја за неповторливо доживување“, рече Божиновски.

Со сета своја уникатност, нагласи, оваа крајбрежна населба е своевидна атракција, која незапирливо го привлекува вниманието на гостите и туристите, а ваквите настани само ја надополнуваат и ја збогатуваат туристичката понуда.

На летната сцена вечер ќе настапат младите од Црвен крст-Охрид со поетско-музичкиот перформанс „Треба да бидеме подобри“.

Во наредните седум дена манифестацијата „На зајдисонце“ пред домашната и странска публика ќе прикаже културни, забавни и спортски содржини.