
Почина еден од пионерите на туризмот во Македонија, Мирослав Чоневски – Грк, долгогодишен туристички работник и сопственик на туристичката агенција „Игуана“.
Со голема тага, од него се простуваат туристичките работници и неговите пријатели.
Чоневски важеше за еден од првите туристички работници во Македонија, човек кој остави свој белег во развојот на туристичката дејност, но и личност која многумина ќе ја паметат по неговиот препознатлив лик, стил и карактер.
„Го загубивме кормиларот, но не и компасот! Ти благодариме за идејата, за трудот, за сите години поминати заедно, среќни сме што бевме и се уште сме твои ученици Ќе ни недостасува таткото на Игуана“, споделија од туристичката агенција Игуана.
Од Националната асоцијација на туристички агенции соопштија дека со длабока тага ја примиле веста за смртта на нивниот долгогодишен и почитуван колега.
„Неговиот придонес во туристичката дејност и споменот за него ќе останат меѓу неговите колеги и пријатели“, се наведува во објавата.
На социјалните мрежи исто така од Чоневски се простуваат и бројни пријатели и познаници, нарекувајќи го „скопска легенда“ и човек кој оставил свој печат во едно време.