Почина самохраната мајка Наташа, за која пред три години се сплоти целата земја

Наташа Николовска (42) од Скопје, самохрана мајка на малиот Марио, за која пред три години се сплоти целата земја и со низа на хуманитарни акции се собраа средства за нејзино лекување, ја изгуби битката со болеста, дознава Фокус.

За храбрата мајка, која останала самохран родител во 2016 година, откако нејзиниот сопруг ненадејно починал од инфаркт, „Фокус“ пишуваше пред три години. Во трогателно интервју таа раскажуваше за лошата судбина, но и за болеста која што ја снашла, само една година по смртта на сопругот.

Рак на желудник, а по операцијата и беа потребни финансиски средства за озонска терапија на приватна клиника.

Само неколку дена по објавата на веста за мајката која сакаше да живее и се бореше да остане покрај своето дете, кое тогаш имаше пет години, се организираа низа на хумани акции. Донираа граѓаните, се вклучија цели училишни паралелки, донираа и пратеници дел од своите плати. Сумата беше собрана, а Николовска јавно се заблагодари за помошта.

-Јас сум жилава личност, ќе успеам! Морам да си го изведам детето на прав пат, да бидам тука за него. Сакам тој да израсне во успешен човек, да биде дури подобар и поуспешен и од мене и неговиот татко! Тоа ми е животна цел. А за него секоја жртва се исплати.
Јас знам дека се борам со духови и немам ривал пред себе. Им праќам поздрави на сите хумани луѓе кои донираа. Ова не е само донација за една мајка, туку донација за едно дете кое што треба да порасне покрај мајка и да не ја почувствува горчината на животот уште од мали нозе, ни изјави тогаш Николовска.

Веста за нејзината смрт ја објавија нејзини блиски на социјалните мрежи, кои со потресни пораки се простуваат од храбрата жена.