Почина Ристо Стефановски, театролог и долгогодишен директор на Драмскиот театар

Почина Ристо Стефановски, театролог, долгогодишен театарски работник, театарски историчар и долгогодишен директор на Драмскиот театар Скопје (1957-1983).

Од Драмскиот театар соопштија дека за датумот на комеморацијата дополнително ќе информираат.

Ристо Стефановски е роден 1928 година во Скопје. По завршувањето на Државната театарска школа во родниот град, две години студирал глума на Театарската академија во Белград. Од 1951 до 1960 година бил актер во Народниот театар во Скопје. Од пролетта 1957 година раководел со Куклениот театар во Скопје кој подоцна се трансформирал во денешниот Драмски театар. Го обмислува, реализира и уредува театарското списание „Театарски гласник“ од 1977 година. Во меѓувреме дипломирал на Факултетот за драмска уметност во Белград, отсек организација. Под негово раководство, Драмски театар Скопје го остварува најголемиот подем потвреден од најпрестижните театарски фестивалски награди и сојузни признанија. Од 1983 година Ристо Стефановски е генерален директор на Македонскиот народен театар во Скопје.

Автор е на книгите: „Театарот во Македонија“ (кратка верзија, идз. „Македонска книга“, 1976 година), „Театарот во Македонија“ од античкиот период до слободата, „Мисла“, 1990 година, „Театарот во Македонија од партизанскиот период до Младинско детскиот театар“ (1941-1958), „МНТ“, 1998 година, „Театарот во Македонија“ – Современи тенденции (1958-1962), „МНТ“, 2002 година, „Театарот во Македонија“ – Нова естетика (1963-1965), „Pro litera“, 2003 година, „Театарот во Македонија“ – Нова естетика (1966-1967), „Pro litera“, 2004 година, „Театарот во Македонија“ – Подем на сценската уметност (1968-1971), „Pro litera“ 2006 година, „Театарот во Македонија“ – Автентична театарска естетика (1972-1975), „Pro litera“, 2008 година, „Театарот во Македонија“ – Време на подем и широка афирмација (1976-1979), „Pro litera“, 2009 година, „Театарот во Македонија“ – Круна на подемот (1980-1983), „Pro litera“, 2010 година, „Театарот во Македонија“ – Зенитот на МНТ (1984-1987), „Pro litera“, 2011 година…

Тој ги добил: наградата „Св. Климент Охридски“ (1988); Стериина награда за животно дело на Фестивалот Стериино позорје, Нови Сад (1989); наградата на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ за животно дело (1989); орденот за труд со бронзен венец; орден за труд со сребрен венец; орден за труд со златен венец; наградата „13 Ноември“ (1983); наградата „11 Октомври“ (1988); одликување на Француската влада Palmes Academiques…