
Хрватската писателка, новинарка и колумнистка Ведрана Рудан почина на 76-годишна возраст, по долга и тешка борба со ракот.
Веста за нејзината смрт за хрватскиот портал „Шоубаз“ ја потврдиле извори блиски до неа.
Утрово, на официјалниот профил на Рудан беше објавена кратка порака која навести дека таа починала. „Ведрана отиде на подрачје без сигнал“, стои во објавата.

Меѓу најпознатите дела на хрватската писателка и колумнистка Рудан се книгите „Уво, грло, нож“, „Љубов на последен поглед“, „Да даде Господ мајка да те роди“, „Костури на округот Медисон“, „Зошто пцујам“, „Танц околу Сонцето“ и „Да умреш без стрес“.
Рудан беше препознатлива по својот директен, провокативен и бескомпромисен стил, преку кој често ги обработува темите за љубовта, семејството, стареењето, женската положба, политиката и општествените неправди.