Почина Мишо Ковач, една од најголемите музички легенди на поранешна Југославија

На 86-годишна возраст почина легендарниот хрватски пејач Мате Мишо Ковач, еден од најпопуларните и најпродавани музички изведувачи на просторите на поранешна Југославија.

Веста за неговата смрт ја објавија хрватските медиуми, повикувајќи се на извори блиски до пејачот. Ковач во кариерата долга повеќе од половина век продаде над 20 милиони плочи и зад себе остави десетици песни кои станаа дел од музичката историја на регионот.

Мишо Ковач е роден на 16 јули 1941 година во Шибеник. Уште како тинејџер се заинтересирал за музиката, а еден од неговите најголеми идоли бил Елвис Присли.

Во 1961 година го поделил првото место на натпреварот „Прв глас на Шибеник“, а неколку години подоцна се преселил во Загреб, каде започнала неговата професионална музичка кариера. Во 1964 година потпишал договор со „Југотон“, а неговата прва плоча била обработка на песната „I Can't Stop Loving You“ на Реј Чарлс.

Песните кои ги пееја генерации

Големиот пробив го направил на крајот од шеесеттите години со песната „Više se nećeš vratiti“, на тогаш младиот композитор Ѓорѓе Новковиќ. Песната била продадена во речиси 190.000 примероци, а во 1969 година Ковач станал најпродаваниот пејач на „Југотон“.

По победата на Сплитскиот фестивал во 1971 година со „Proplakat će zora“, неговата популарност се проширила низ цела Југославија.

Следувале некои од неговите најпознати песни: „Ostala si uvijek ista“, „Ako me ostaviš“, „Sutra mi sude“, „Drugi joj raspliće kosu, a ja je volim“, „Odavno više ne plačem zbog tebe“ и „Ti si pjesma moje duše“.

Неговиот специфичен глас, препознатливите мустаќи, темните очила и непосредниот однос со публиката со текот на годините станаа негов заштитен знак.

Пет пати бил прогласуван за пејач на годината, а во 1989 година и за личност на годината во тогашна Југославија.

Трагедијата која му го промени животот

Неговиот живот беше обележан и со големи лични трагедии.

Во 1992 година неговиот 16-годишен син Еди почина во Загреб. Смртта на синот остави длабока трага врз Ковач, кој во следните години ги загуби и мајка си и помладиот брат.

По периодот исполнет со тешки лични моменти, Ковач повторно се врати на сцената, продолжи да снима и да настапува пред многубројна публика.

Во 2012 година ја доби наградата „Порин“ за животно дело.

Легенда на Далмација и Хајдук

Мишо Ковач беше силно поврзан со Шибеник, Далмација и фудбалскиот клуб Хајдук.

Неговите концерти собираа десетици илјади луѓе, а песните посветени на Далмација станаа дел од идентитетот на повеќе генерации.

Веста за неговата смрт денес беше објавена и преку разгласот на стадионот „Пољуд“ во Сплит. По информацијата, илјадници навивачи на Хајдук ги запеаја неговите песни.

Мишо Ковач зад себе остава музичко наследство какво ретко кој изведувач од регионот успеал да создаде: милиони продадени плочи, голем број фестивалски награди и песни кои повеќе од половина век ги пеат различни генерации.

Неговиот препознатлив момент на концертите, со спуштен микрофон и кренати раце додека публиката ја продолжува песната наместо него, останува една од најпознатите слики во регионалната музичка историја.