Почина Кирил Дојчиновски, фудбалска легенда и еден од најдобрите македонски фудбалери

На 78 години почина еден од најдобрите македонски фудбалери на сите времиња Кирил Дојчиновски, објави Фудбалската федерација на Македонија.

Дојчиновски ќе остане запишан како првиот Македонец кој учествувал на едно светско првенство, откако беше во составот на Југославија на Мундијалот во Западна Германија во 1974 година. Тој забележа вкупно шест настапи во репрезентативниот дрес.

Роден во Скопје на 17 октомври 1943, Дојчиновски ја почнал кариерата во Вардар, за кој одиграл над 100 натпревари за период од четири години. Во 1967 премина во Црвена звезда, со која за седум сезони освои четири шампионски титули и два купа, а крајот на кариерата го дочека во Франција, каде што играше за Труа и Париз.

Во долгогодишната тренерска кариера водеше бројни македонски екипи, а во два наврата беше и селектор на Ел Салвадор.