Почина истакнатата македонска професорка

По кратко боледување денеска во 82 година од животот почина проф. д-р Лилјана Тодорова, поранешен декан на Филолошкиот факулте, каде што предаваше француска, франкофонска и компаративна книжевност, истакнат македонски романист, книжевен компаратист, теоретичар и дипломат. 

Тодорова докторирала во 1971 година на тема Гзавие Мармие и Јужните Словени која е прогласена за лауреат на Академијата на науките и на уметностите на Безансон и Франш-Конте во Франција. За ова свое исклучително научно достигнување во 1972 година е избрана за дописен член на  оваа француска академија. Објавила повеќе од 200 научни труда на француски, на македонски и на српски јазик посветени на француската и на франкофонската книжевност како и на француско-македонските книжевни релации. Ги иницирала студиите и проучувањата на франкофонските книжевности на Африка и на Канада.

Лилјана Тодорова имала и значајна активност во општествениот и политичкиот живот на Македонија. Учествувала во основањето на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје и на Институтот за македонска литература. Била декан во два наврата на Филолошкиот факултет и дала клучен придонес за неговото именување во Филолошки факултет „Блаже Конески“ во 1996 г.. Во периодот од 1979 до 1985 била член на југословенската комисија за соработка со УНЕСКО, а од 1982 до 1985 била македонски пратеник во Сојузното собрание на поранешната СФРЈ.

Проф. д-р Лилјана Тодорова беше првата жена амбасадор од Македонија која во периодот од 1986-1990 година ја извршуваше должноста на вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Република Гвинеја, Република Гвинеја-Бисао и Република Сиера Леоне во Западна Африка.

Одликувана е со со југословенскиот Орден на трудот со златен венец од претседателот на СФРЈ (1979) како и со високите француски ордени: Витез на Легијата на честа од претседателот на Франција (1983); Командант од редот на Академските палми од Француската влада (1984).

Како извонредно творечка личност, проф. д-р Лилјана Тодорова е заведена во Општата енциклопедија на Просвета од 1986 г. како и во енциклопедијата на Жени творци во светот објавена под покровителство на УНЕСКО во 2013 година.

Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта Бутел во недела, 29 јануари .2017 година од 12 часот, соопшти Филолошкиот факултет.