Почина Бранка Станковска, легендарниот радио глас кој долго ќе се памети

Попладнево, во Скопје почина првиот глас на Радиотелевизија „Скопје“, легендарната спикерка Бранка Станковска.  Вестите за нејзиното заминување ги сподели внуката, Ирина Костовска.

„Tивко во сон си замина мојата баба Бранка Станковска. Имам прекрасни спомени од неа, можеби затоа што бев прва внука па бев привилегирана од мала да поминувам повеќе време со неа. За работата што да напишам, беше вистински професионалец – дури и по нејзиното пензионирање беше активна и сè уште може да се слушне нејзиниот глас на радио програмите“, објави Костовска.

Станковска го поминала целиот свој работен век во Македонската радиотелевизија, каде работела од 1948 до 1987 година. Нејзината најава на првиот телелевизиски пренос од Црн Врв на 5 јуни 1964 година е почеток на програмата на ТВ „Скопје“, емитувана преку сопствената телевизиска мрежа. Неколку месеци подоцна, Станковска ги читаше и вестите на првиот телевизиски „Весник“, што го означи почетокот на емитувањето на редовната програма на Македонската телевизија.