
Со почетокот на новата учебна година, Институтот за јавно здравје упатува препораки до учениците и родителите за зачувување на здравјето и спречување на ширењето инфекции.
Од Институтот потсетуваат дека редовното и правилно миење на рацете со сапун и вода е една од најважните мерки. Се препорачува рацете да се мијат најмалку 20 секунди, особено пред јадење, по користење на тоалет и по доаѓање од надвор.
Важна е и редовната вентилација на училниците и затворените простории, бидејќи свежиот воздух го намалува ризикот од пренос на вируси и бактерии. Учениците треба да одржуваат лична и просторна хигиена, да носат чиста облека и уреден изглед, а при кашлање и кивање да ја покриваат устата и носот со марамче или со внатрешната страна на лактот.
Од ИЈЗ препорачуваат и да не се споделуваат лични предмети, како шишиња, прибор за јадење и други предмети кои можат да придонесат за ширење на инфекции. Посебно се нагласува важноста од навремената вакцинација според календарот за имунизација, како една од клучните мерки за заштита на здравјето на учениците и целата училишна заедница.
Воедно, се препорачува учениците да имаат здрава и разновидна исхрана, доволно сон и физичка активност.
„Здрави ученици – здрава иднина!“ е пораката со која Институтот за јавно здравје ја одбележува новата учебна година, со апел до учениците, родителите и училиштата заеднички да придонесат за безбедна и здрава училишна средина.