
ЈП Паркинзи на Општина Центар излезе со реакција откако во јавноста се појави предупредување за измама поврзана со Дневната паркинг карта на претпријатието. Од ПОЦ додаваат дека се злоупотребени дизајнот и логото на ЈП Паркинзи на Општина Центар.
На лажната паркинг карта стои QR код кој треба да се скенира и да се изврши онлајн уплата за истата, а истиот води кон веб-адреса која нема поврзаност со ЈП ПОЦ и е со цел преку измама да се извлечат парични средства.
„Ги замолуваме граѓаните да бидат внимателни и доколку забележат ДПК од овој тип веднаш да нѐ известат. Единствената веб-адреса за онлајн наплата на ДПК на претпријатието е https://users.poc.mk/PayDpk . Од наша страна во моментов се преземаат мерки за пријави до надлежните органи и информирање на јавноста со цел заштита на граѓаните. Во прилог фотографија од лажната ДПК“, велат од ЈП Паркинзи на Општина Центар.